Monday, May 30, 2016

Од Скопје до Прага со авион

Веќе подолго време се мислев за Прага како град кој би сакала да го посетам, и се разбира пивата што сакам да ги испијам таму :)
Благодарејќи на многу добра другарка која се вика Марија и се има преселено во Прага пред две-три години, се одлучив да го направам оној брзопотезен клик на страната на Визер и резервирав карти Скопје-Нирнберг и Братислава-Скопје. Летот Скопје-Прага веќе долго време се најавува, но никако да да стигне и веќе си реков мечка страв, а ние ќе патуваме 4 саати со автобус од Нирнберг до Прага ако треба ама ќе одиме сега. Тоа сега беше за Велигден 2016та, тргнавме во четврток и се вративме во вторник, цели 5 дена на располагање.
Најмногу се грижев за автобусот, но испадна дека тоа беше најудобиот дел од патувањето.

Да резимирам, полетавме од Скопје, слетавме во Нирнберг. Од Нирнберг со метро за 3 евра и 20 минути подоцна стасавме на главната железничка и автобуска станица во Нирнберг. Тука на шалтерите земавме карти за автобус до Прага. Картите за автобус ги плативме 28 евра по човек. Ќе беа дупло поевтини ако ги резервиравме и купевме три дена порано преку интернет (https://www.bahn.com), ама јас се плашев да не случајно доцни авионот итн. Автобусот за Прага застанува пред автобуската во Нирнберг, си има и табла на која фино си пишува во колку саат и за каде оди автобусот.
Автобусот беше опремен со вифи, штекери, кафе, тоалет и вредеше за сите евра што ги дадовме. 
Четири саати подоцна стасавме во Прага. На станица не чекаше другарка ми со дечко и. На истата таа станица „не пречекаа„ и група музичари кои во железничката станица имаа перформанс, а ние тоа го прифативме за добредојде во Прага :)

За да не губиме време да ги оставаме ранците, се придвиживме веднаш кон првиот бар кој другарка ми го препорача. Vytopna retaurant е место каде пивото го нарачуваш кај келнерите, но доставата оди преку воз. Имено сите маси во ресторанот се поврзани со пруга и има неколку вовчиња кои ти го носат пивото и во истите вагони гостите ги ставаат празните чаши. 



Интересно кај ресторанов е тоа што нема музика. Бидејќи бевме занесени во разговор и наздравување не го ни приметивме тој „недостаток“. Искрено некако и убаво дојде атмосферата во која неморавме да се надвикуваме со музиката. Вечерта беше убаво помината во знакот на режаното пиво. Половина светло, половина темно.

Следното утро бидејќи православниот датум за Велигден е различен од Католичкиот, другарка ми беше на работа, а ние бевме оставени да ја откриваме Прага. Воглавно го шетавме центарот. Го видовме плоштадот со фамозниот часовник.



Наводно кулите на плоштадот го инспирирале Дизни во неговите креации на кули во цртаните. Ако ги загледаме кулите на сликата десно, мислам дека гласините се оправдани.
Следно на список беше дегустација на трделник од една пекара во која по некоја случајност цел персонал беше од Македонија. Ум да, внимавајте што зборите во Прага, не има насекаде :)



Трделникот и не е којзнае што ама исто како и со Белгиска вафла купена од улични продавачи ќе се намацаш со Нутела по цело лице.
Откако го прошетавме строгиот центар ја преминавме Влтава и го побаравме паркот од каде што се гледаше поубаво Прага. Стари шармантни згради, средени улици, туристи, спортисти, бродови, педалинки ... го погодивме времето да дојдеме во Прага.

Вечерта бевме со друг ресторан „У Вејводу“ (кај Војводата) за да пробаме локален специјалитет, свинска коленица. Мислам дека имаше половина прасе на масата и четири соса, доволно за двајца да јадат, и стандардно Пилснер Уркуел за гаснење жед.



Ресторанот е всушност реновирана пивници и насекаде се гледаат цевки низ кои се точи пиво што придонесува кон атмосферата на местото.
Вечерта ја завршивме во еден од Прашките клубови наречен Хангар каде омилен пијалак ни беше „Чипито“ шоти секоако вотка.

Следниот ден иако малку мамурни преминувајќи го познатион Карлов мост се впуштивме во шетање на Прашкиот замок. 







По пат влеговме и во Катедралата на Св.Петар. Има многу цркви и катедрали во Прага, а бројот на религиозни луѓе е помал и помал секоја година.



Пред влезот во самиот замок можевме повторно да уживаме во погледот кон Прага и истотака имавме детска радост што сето тоа беше пропратено со кафе од Старбакс.



Самиот замок имаше исто што да покаже



На крајот од замокот истотака имаше и дел во кој беа сместени мали куќички



Денот го продолживме на една од плажите покрај Влтава каде дента имаше некој празник на горење вештерки, а локалното население тоа го прославуваше со печење колбаси на отворен оган, музика и се разбира точено пиво :)



Вечерта ја поминавме на уште едно уникатно место за пиење пиво едноставно наречено „Пабот“ (The Pub). Пабот има едноставна филозофија, на секоја маса има цевки и вентили од кои гостите сами си точат пиво, има дисплеј со мерач да види секој колку испил и истотака има проектор кој на еден ѕид покажува колку испиени пива има на секоја маса. Пабот навистина знае да ги мотивира своите гости да се натпреваруваат во пиење пиво, а и храната е навистина вкусна почнувајќи со нивниот брендиран бургер.

На 1ви мај, младите двојки во Прага истотака имаат традиција да се бакнуваат под црешово дрво. Мотивирани од следење на традицијата се пуштивме во потрага по црешови дрва и мислам дека ова е навистина интересна традиција, споредено со нашата традиција на вртење плескавици за 1ви мај, во крајна линија зошто да не и двете? :)

На 2ри мај веќе моравме да ја напуштиме Прага и од автобуската фативме авотбус за Братислава, овојпат со веќе купени билети преку http://www.studentagencybus.com/. Повторно 4 часа патување во удобен автобус, со дисплеј пред секое седиште, бесплатно кафе и љубезен персонал.
Братислава не ја видовме баш многу бидејќи од автобуската отидовме до железничката за да фатиме автобус за до аеродромот, меѓутоа не ми остави ни одблизу впечаток како Прага. Можеби е поради фактот што немавме локални луѓе да не прошетаат. Да не беше другарка ми и дечко и, сигурно и Прага ќе изгледаше сосема поинаку.